Повардарскиот митрополит Агатангел одбележа 25 години архиерејска служба во МПЦ-ОА. На денот кога Светата православна црква го чествува свети Јован Златоуст, во црквата “Св. Кирил и Методиј” во Велес беше отслужена Света Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот, а сослужуваа голем број свештеници од Повардарската епархија.
-На оваа литургија беше одбележан значаен јубилеј на Митрополитот Агатангел, односно се одбележаа 25 години од неговата хиротонија во Епископ на Македонската православна црква. Литургијата молитвено ја проследија многумина верни од престолниот град на Повардарската епархија Велес, а присуствуваа верници и од речиси сите градови на Епархијата. Меѓу присутните беа и градоначалникот на Општина Велес, г-дин Марко Колев, пратеникот Игор Здравковски, поранешниот пратеник Марјанчо Николов, како и претставници на институции од градот Велес, велат од Епархијата.
Агатангел е меѓу шестте архиереи на МПЦ-ОА со наголем епископски стаж, после митрополитите Наум, Тимотеј, Петар и Архиепископот Стефан. На 12 јули 1998 година е хиротонисан за викарен епископ на Скопската митрополија со титулата епископ Велички. Во 2000 избран за митрополит Повардарски, каде е на служба нецела година, а од 2000 до 2006 е Брегалнички Митрополит. Од 2006 до денеска е повтортно Повардарски митрополит.


Нека му се многу години плодоносен пастирски подвиг на Митрополитот Повардарски Агатангел!!! Бог да му ги умножува благодатните дарови нему и на неговото од Христа доверено Стадо!