Почетна Важно Кој постојано Го распнува Христос?
Кој постојано Го распнува Христос?

Кој постојано Го распнува Христос?

727
0

Рековме дека единствена светла појава, после разводнувањето на првобитното христијанство, остана вистинското монаштво, кое, сепак, успеа да го задржи маченичкиот етос на првата Црква и да го пренесува и да го шири меѓу верниот народ низ вековите до денес. Маченички етос не само како одбивање да се поистоветат со минливите форми од овој свет (па макар биле тие и религиозни – не напразно го потенцирав ова) туку и како аскетско-исихастички подвиг за влез во Царството Божјо, кое е внатре во нас (види: Лука 17, 21), уште во овој живот, како и негово сведоштво и Предание.

И уште рековме дека, за разлика од монаштвото, откако христијанството стана помодарство во Империјата (4век), ширум се отворија вратите за христијаните само по име (номиналните христијани) да се поистоветуваат со минливите форми на општественото организирање од овој свет (прво со државата, подоцна со нацијата, денес со партијата итн.), кои немаат ама баш никаква врска со Царството Небесно. И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака.

Но, како што номиналните христијани паѓаат во искушението да се поистоветат со минливите форми на општественото организирање од овој свет (држава, нација), а поради религиозна невроза или поради религиозно растројство на личноста, така и помесните цркви, сфатени како институции, не можеше а да не го избегнат истиот пад – да се поистоветат со минливите форми на општественото организирање од овој свет, па макар тие форми се преоблекле во црковно руво и попримиле облик на религиозни форми на организирање – без оглед дали ќе ги наречеме канонски национални цркви или национални цркви, кои пребиваат во административен раскол во однос на т.н. канонски.

Соборниот Храм на МПЦ-ОА

Да се потсетиме уште еднаш: во времето кога номиналните христијани ќе се поистоветат и со нацијата (19 век), одеднаш гледаме (исто како и во меѓусебните физички убивања од тоа време) дека нема ни трага од духовно толерирање на „другите“ − тие што сакаат да прогласат таканаречена национална автокефална Црква веднаш се прогласувани за расколници и еретици и веднаш се анатемисани – од исти такви кои, за разлика од нив, истото тоа попрви го смислиле и направиле, и како со тоа да го зеле монополот за одлучување кој е канонски, а кој не е. Историјата ни е добро позната.

Да се потсетиме на нашиот случај. На чисто административен чин на прогласување на автокефалност (1967 г.) од страна на веќе признаената од нив самостојна МПЦ (1959 г.), СПЦ презема светотаински мерки и одговор – прекин на евхаристиската заедница, наместо на административен чин, исто така, да одговореше со административен, со просто непризнавање на нашата автокефалност, со сите административни последици што од тоа непризнавање произлегуваат, и толку. Или, на пример, ако СПЦ веќе сакаше да преземе некаква поостра педагошка мерка, тоа најмногу можеше да биде само прекинување на заедничкото сослужување со свештенството на МПЦ, но не и прекин на евхаристиската заедница со него, а камоли со народот. Тоа што го направија е несоодветна и теолошки неоправдана црковна реакција. Тоа е световна, а не пастирска постапка. Тоа е прекумерен и несоодветен одговор.

Сфаќате ли сега зошто реков дека би било добро кога би можеле да пораснеме барем до нивото на душевноста од Стариот Завет. Сепак, нели, Стариот Завет постави и некоја мерка: око за око, заб за заб, наместо сѐ она што ние денес како христијани си го правиме едни на други како религиозни психопати или социопати (зависи од местото во хиерархијата), без трошка срам и страв Божји, да не речам – без грам вера. Замислете, наместо да се препознаваме меѓусебно по плодовите – според Господовиот совет (види: Матеј 17, 16-18), ние допрва се договараме и молиме да се однесуваме едни кон други барем во рамките на Стариот Завет.

Континуитетот на заедничкото служење и учество во Светата Евхаристија (Литургија) на Црквата ќе го оневозможеше конечното институционално поистоветување на помесните Цркви со минливите форми на човечко организирање од овој свет (читај со националните држави) и ќе беше единствена здрава основа за решавање на кое било отворено прашање меѓу нив, без притоа споменатите човечки и минливи форми на организирање да имаат некакво одлучувачко влијание при овој процес.

Првите христијани сите свои проблеми ги решавале внатре во молитвената заедница, собрани на Светата Литургија. И многу посложени проблеми во историјата на Црквата, дури и такви што засегале во догмите (едносуштен исличносуштен), биле надминувани со одржување и непрекинување на заедничкото служење. Еден поучен пример на старозаветно однесување за сите нас, надвор од црковното организирање, е комуникацијата на Р. Македонија и Р. Грција: иако меѓу нив сè уште егзистира проблемот со името на нашата држава, сепак, тие не ги прекинаа суштинските меѓусебни односи на сите нивоа, од човечко и економско до локално-меѓугранично и државно. Што е најчудно, сите држави во принцип се непријателски расположени едни кон други; ние, пак, кои како Цркви сме во суштина едно и кои требаше да бидеме пример на единство, станавме камен на сопнување меѓу народите.

Затоа, цел на православниот христијанин е најпрво да го исцели својот душевен раскол помеѓу својот ум и своето срце – од кој произлегуваат сите останати поделби, и внатрешни и меѓучовечки, па потоа, во зависност од својата хиерархиска позиција во Црквата, да допринесе да се решаваат и другите поделби меѓу луѓето на кој било план, а не даим ги припишува своите болни внатрешни состојби на „другите“, како и да ги шири меѓу „ближните“. Јасно ли е сега кој постојано Го распнува Христос, а заедно со Него и сите Свети?

Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, ви благодариме што со љубов Го посведочивте Христос токму во нашиот град – Струмица, и што, очигледно, поради истата љубов, засекогаш останавте со нас.

Г. Наум – Митрополит Струмички

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *