Собранието на канонските православни епископи на Соединетите Американски Држави се собра во Денвер, Колорадо, од 6 до 8 ноември 2025 година, на својата 14-та средба од формирањето наваму. Пред официјалните настани, Извршниот комитет се состана за да ги разгледа точките од дневниот ред и да ја заврши тековната работа.
Во четврток, 6 ноември, заедницата на Антиохиската православна црква „Св. Лука“ во Ери, Колорадо, беше домаќин на Вечерната богослужба и приемот. Митрополитот Сава претседаваше со Вечерната, на која присуствуваа повеќе од четиристотини верници од околината. На приемот, присутните беа почестени со настапите на танцовите групи „Kolo Rado“ и „Fotia“, од српската православна парохија „Св. Јован Крстител“ и од катедралата на Грчката православна митрополија „Успение на Пресвета Богородица“.
Сведоштва од шесте агенции на Собранието – Меѓународна православна христијанска добротворна организација (IOCC), Православен мисионерски центар (OCMC), Православни затворски служби (OCPM), Православно христијанско братство (OCF), Православен волонтерски корпус (OVC) и Министериум за млади и млади возрасни (OYM) – беа прочитани од локални волонтери меѓу поединечните настапи. Директорката за меѓупарохиски здруженија, Спиридула Фотинис, беше водител на програмата.
Во петок, 7 ноември, архиереите се собраа во седиштето на Грчката православна митрополија на Денвер, каде што беа домаќини од митрополитот Константин, за да ги слушнат извештаите и предлозите од комитетите и службите на Собранието, како и да ја извршат редовната работа. Членовите на Собранието повторно ја изразија својата жал поради отсуството на браќата архиереи од Руската православна црква во Америка и искрено ги повикаа да се вратат и повторно да учествуваат во идните собранија.
Коментирајќи ја вредноста и неопходноста од Собранието на епископите, Архиепископ Елпидофор, претседател на Собранието, во своето воведно обраќање истакна дека „имаше непредвидени и неочекувани придобивки за нашата Света Црква од сите активности што се одвиваат под покровителство на Собранието … мрежите што ги создадоа службите на Собранието се градивни елементи, врзивно ткиво што ни обезбедува силна отпорност и флексибилност, како што се соочуваме со неизбежното проширување на нашите заедници со пристигнувањето на толку многу новодојденци“.
По првичната работа и усвојувањето на буџетот за 2026 година, Собранието ги слушна новостите од министерствата: Меѓупарохиски здруженија, Службата за ментално здравје, како и иницијативата за комуникации и технологија. Во 2025 година беа основани шест нови меѓупарохиски здруженија. Повеќе од 22.000 лица го користат Директориумот на православни христијански професионалци за ментално здравје.
Мобилната апликација на Собранието беше ажурирана и подобрена со ново име („Koinonia: Life in Christ“) и со нова функција „Orthodox Events Finder“, која ќе биде наскоро достапна. Неделата на Православието во 2025 година беше првата „Недела на Собранието на епископите“.
Претставени беа и проекти и предлози од комитетите: нови Amicus поднесоци од Правниот комитет потпишани од Собранието; потврда од Комитетот за агенции и здружени служби за годишните извештаи; позитивен двегодишен ревизорски извештај за 2023–2024 од Финансискиот комитет; како и продолжена соработка со Римокатоличката црква преку Екуменскиот комитет, и со Постојаната конференција на ориенталните православни цркви.
Литургискиот комитет ги извести членовите за напредокот на работната група за знаковен јазик и претстави нови молитви и последованија за случаи на спонтан абортус или мртвороденост. Во согласност со својата заложба од изјавата од 2022 година „За светоста на човечкиот живот и неговото ненавремено прекинување“, дека ќе „продолжат да обезбедуваат нови обреди и начини за пастирско адресирање на овие околности, што вклучуваат молитви на тагување, сострадание и исцеление“, Собранието ги усвои новите последованија за примена во секоја јурисдикција, според упатствата или одлуката на нејзината Мајка-Црква.
Главната тема на соборот беше порастот на конвертитите и потребата за заедничка стратегија за нивно примање во Православната Црква. Таа беше претставена од Митрополитот Сава, потпретседател на Собранието, кој рече: „растот на тендецијата на обраќања, поради различни причини, придонесе Православието да стане позната вера во Америка; навистина, денес сведочиме за забрзан раст – некои дури го нарекоа и поплава … ‘Ете, сега е благопријатно време’ (2 Кор. 6:2), вели свети апостол Павле. Да не го прокоцкаме овој час на благодат.“
По плодна и динамична дискусија, Собранието го задолжи Комитетот за богословско образование да формира работна група што ќе изработи заеднички катихетски содржини за одобрување на некоја од следните седници.
Архиереите се осврнаа и на тековните глобални проблеми. Од последното собрание, трагичните настани во Украина и на Блискиот Исток продолжуваат да предизвикуваат длабоки страдања и тага. Собранието повика на веднаш запирање на конфликтите каде и да постои војна и ги повика сите да се молат за мир и разум што би надвладеале во овие пострадани региони.
Архиереите ги поттикнаа верните да понудат помош – преку добротворни дела и молитва – за сите што се во потреба. Тие, исто така, со благодарност ја признаа посветеноста на актуелната администрација, под водство на претседателот Доналд Џ. Трамп, во промовирањето мир во региони каде што православните христијани се изложени на особена опасност – особено на Блискиот Исток.
Собранието, исто така, го подигна гласот за прогонството на христијаните и на ранливите луѓе ширум светот. Со срца исполнети со благодарност за секој знак на мир, Собранието останува истрајно во молитвата и единството за солидарност, мир и правда.
Претседателот на Собранието, архиепископ Елпидофор, го истакна значењето на 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година. Вселенскиот патријарх Вартоломеј, заедно со патријарсите на Александрија, Антиохија и Ерусалим, ќе му се придружат на Папата Лав XIV за одбележување на овој значаен јубилеј.
Во рамките на одбележувањето, претставници на древната пентархија ќе се соберат на самото место на соборот, а потоа ќе отпатуваат во Вселенската патријаршија за храмовиот празник на Св. Андреј. Архиереите се помолија за успешна средба и достојно одбележување на овој историски настан за христијанството.
Верните се повикуваат пред да учествуваат во богослужби во манастири да проверат дали тие манастири се канонски и одобрени од нивниот надлежен архиереј. На пример, манастирите „Св. Нина“ (Union Bridge, Мериленд), „Св. Јаков Нови Студит“ (Piedmont, Оклахома), „Манастир на Светиот Дух“ (Union Bridge, Мериленд), како и „Света Троица – Романски православен манастир“ (Clinton, Мичиген) – се надвор од такво канонско одобрување.
Во сабота, 8 ноември, грчката православна црква „Св. Екатерина“ во Greenwood Village, Колорадо, беше домаќин на Собранието за сослужување на Светата Литургија. Архиепископ Елпидофор претседаваше со уште тринаесет архиереи, четворица свештеници и четворица ѓакони. Во својата беседа, архиепископ Максим рече: „честејќи ги денес Ангелите и Архангелите, ние примаме порака и испраќаме порака до целиот свет дека постоењето на невидливите сили е исполнување, полнота на целокупниот образ на ова прекрасно создание“.
После Литургијата, новооснованиот орден „Медал на Света Теодора“ ѝ беше доделен на Ан Макул за нејзината посветена служба на православното единство. Судијата Е. Реј Лениер, кој не беше присутен, беше почестен преку Zoom за време на работата на Собранието.
Следните средби на Собранието ќе се одржат од 3 до 6 октомври 2026 година во Питсбург, Пенсилванија, а Собранието во 2027 година ќе се одржи од 23 до 27 октомври во Чикаго, Илиноис.
p.s. Македонсата православна црква не учествува на оваа Собрание, бидејќи нејзината автокефалност не е признаена во Православниот свет.
/orthodoxtimes

