На богословско-научна конференција во Бруклин, САД, посветена на темата „Дали божественото и дигиталното се пресекуваат?“, Архиепископот на Америка Елпидофор повика Православната црква активно да се вклучи во разбирањето и одговорот на предизвиците што ги носи вештачката интелигенција (ВИ).
„Прашањето каде и како се среќаваат божественото и дигиталното е итно – и не смее да биде игнорирано од Црквата“, рече архиепископот, предупредувајќи на можноста од „технолошко цунами“ што бара духовна и етичка подготвеност.
Елпидофор истакна дека ВИ претставува „развој кој има далеку поголем опсег од секое друго прашање во современиот свет“ и дека веќе се користи дури и во подготовка на проповеди, како и во создавање на „AI духовни советници“. „Може да изгледа неверојатно да се применува метафизиката на нашата вера на физиката на транзисторите и алгоритмите, но токму тоа мора да го направиме,“ додаде тој.
Архиепископот предупреди дека, за разлика од претходните технологии, ВИ „има капацитет за самостоен раст и делување“, нарекувајќи ја „секира што самата се замавнува“.
Конференцијата, организирана од „Orthodox Observer“, собра теолози, свештеници и инженери кои дискутираа за социјалните, етичките и економските последици од ВИ. Директорот на комуникации на Грчката архиепископија, д-р Стратос Сафјолеас, оцени дека прашањата за ВИ „веќе не се новитет, туку итност“.
На отворањето зборуваше и инженерот од „Google Cloud“, Јанис Папакостантину, кој ја претстави верата како водилка во справувањето со технолошките предизвици, а професорите Тејлор Натер и Марк Грејвс предупредија дека Црквата мора да помогне технологијата да служи за човечка благосостојба, а не за страдање.
„Му го должиме тоа на нашиот народ – да бидеме лидери, а не следбеници,“ заврши Архиепископот Елпидофор.

