За бесценетиот плач на душата

Date:

Share post:

Денешното евангелско четиво (Лука 7, 11–16), ќе го толкуваме согласно Македонско-Светогорската исихастичка школа, потпомогнати од Александриската алегориска школа (називите се географски). Мртовецот – единствениот син на мајката, го претставува човековиот ум заробен од страстите. Мајката – душата. Носилата – страстите и извршените гревови. Носачите – демоните. Воскресението на мртовецот – првото гледање на Божествената светлина.

Мртовецот го носат носачите на носила надвор од градот – умот е мртов, умртвен од своите страсти лежи во грев, а демоните го носат во правец во кој тие сакаат, надвор од безбедноста на Царството; затоа што, преку страстите, имаат власт над него. Мајката плаче. Умот нема никаква контрола над целата таа состојба, додека пак душата плаче над и заради таквиот ум и тагува. Интересна состојба што би ја споредил со состојбата на умот на човек кој се наоѓа во некоја многу тешка зависност. За оваа духовна состојба добро е да се размисли – умот е немоќен да нè извлече од духовното беспатие на кое се наоѓаме, но нашата душа плаче пред Бог заради тоа. По сѐ изгледа дека и тогаш имаме надеж. Штом ја виде душата како плаче, Господ се сожали на неа, се приближи и се допре до носилката – му подари на умот простување на гревовите, како исцеление од одлучувачката зависност на страстите. Тогаш, носачите застанаа – демоните повеќе не можат слободно да делуваат, кога веќе не господарат преку страстите.

Секако, Господ – како човекољубив, каде што проценува дека е така душеполезно, ни помага и без да го бараме, но ако заплачеме по Него – сигурно ќе ни помогне. Христос му рече: „Момче, тебе ти велам, стани!“ Умот ја доби првата благодат на очистувањето на неговата енергија, и му се случи она прво просветлување, а со тоа доби и власт над своите страсти и гревот – мртовецот стана и седна на носилата; и почна да зборува – што е почеток на молитвата.

Молитвата е показател дека умот е жив и во можност да раководи. Исус го предаде назад жив единствениот син на мајка му – душата ја добива оживеана назад една од трите сили, словесната (најважната). Ова е почеток на душевното исцеление, затоа што умот е способен да ги стави под контрола и двете други бесловесни сили на душата – волјата и желбата. Како што сум напоменал и другпат, плачот пред Бог – поради оддалеченоста од Него, ни го отвора преминот на секој од степените на духовниот развој – и на степенот од очистување на срцето од страстите и од демоните поврзани со нив, влегуваме преку плач; и на степенот од просветлување на умот, влегуваме со плач. Затоа и кога насочувајќи ја молитвено енергијата на умот кон срцето и налетувајќи таму на неговата затвореност, темнина и многуте демонски помисли, ви реков дека, нѐ спасува само плач пред Бог; само плачот може да ги растера демонските сили и да ни го отвори патот до срцето; патот до умно-срдечната молитва.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img