Продолжувајќи ја својата апостолска посета на САД, во Вашингтон, на 16 септември Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, присуствуваше на вечера приредена во негова чест од Мајкл Џ. Ригас, заменик државен секретар за менаџмент и ресурси.
Неговата Сесветост упати остро предупредување за опасностите од национализмот во религијата, повикувајќи на нова глобална посветеност на дијалог, соживот и достоинството на секој човек.
„Како следбеници на Господ Исус Христос, ние сме повикани да го бараме Царството Божјо, а не некое човечко царство, без разлика колку да изгледа примамливо,“ им рече Вселенскиот Патријарх на присутните амбасадори, дипломати, свештенство и американски претставници. Неговите зборови го поставија Вселенскиот Патријархат како транснационална духовна институција што стои над политичките граници и националните ривалства.
Неговата Сесветост призна дека многу Православни Цркви се организирани според национални идентитети, обликувани од културата и историјата. Но тој силно нагласи дека улогата на Црквата не е да го зацврстува национализмот. „Религијата беше користена за да ги обедини народите околу одредени влади, давајќи кохерентност на земни империи, кралства и национални држави,“ рече тој. „Но зар не стигна ли човечкото семејство до точка кога таквите крути облици на приспособување повеќе не му служат на интересот на народот?“
Неговата Сесветост се задржа на постојаното испреплетување на Црквата и државата, предупредувајќи дека иако овие врски некогаш давале единство на империите и народите, денес ризикуваат да ја ограничат вселенската мисија на верата.
Тој го поврза ова предупредување со самата средина во која зборуваше – Стејт Департментот – нагласувајќи дека дипломатијата бара способност „да се ставиш во положбата на другиот, да бидеш емпатичен, а не само сочувствителен.“ Вистинската религија, додаде тој, не треба да прави ништо помалку.
„Православната Црква не го прифаќа етнофилетизмот како политика, дури и кога некои од нашите сестрински Цркви го направиле тоа од политичка или дури финансиска целисходност,“ рече Вселенскиот Патријарх. „Како православни христијани со непрекината историја и паметење… ние ја разбираме сложеноста на односот меѓу градот Божји и градот човечки.“
Вселенскиот Патријарх Вартоломеј истакна дека задачата на верските лидери денес е да отворат простор за заемно почитување, меѓурелигиски дијалог и помирување. „Значајниот придонес на големите религиски традиции треба да биде во создавањето полиња на заемна почит и разбирање,“ рече тој. „Сите религии во светот го учат достоинството на секој човек. Се соочуваме со потребата да практикуваме прифаќање наместо одбивање.“
Во одбележување на 1700-годишнината од Никеја, Неговата Сесветост потсети на Символот на верата и неговото исповедање дека Христос е „едносуштен со Отецот,“ додавајќи дека оваа вистина се однесува на целото човештво, чие достоинство е подеднакво споделено.
Неговата Сесветост заврши со обраќање директно до заменик-државниот секретар Ригас, кој беше домаќин на настанот. Потсетувајќи на православното потекло на Ригас и дипломирањето на неговиот татко на Богословијата „Светиот Крст“ во Бостон, Патријархот го нагласи заедничкото наследство. „Вие ја споделувате нашата свест дека човечкото семејство е поврзано во една подлабока врска отколку што можеме да си замислиме,“ рече тој. „И во тој дух, ние го имаме клучот да отклучиме еден среќен и исполнет живот за секое човечко суштество.“
Заврши со благослов: „Нека Бог ве благослови изобилно, и нека Бог ја благослови Америка.“
Зборовите на Вселенскиот Патријарх следуваа по подолго воведно обраќање на Ригас, кој го пофали Патријархот и како духовен водач и како партнер во унапредувањето на верската слобода. Ригас ја претстави верската слобода како определувачки американски принцип, чија традиција започнува со пристигнувањето на Пуританците во 1620 година и е загарантирана во Првиот амандман. Цитирајќи го „Законот за верска слобода на Вирџинија“ на Томас Џеферсон, тој ја нарече „нашата прва слобода.“
Во чест на посетата на Неговата Сесветост, Ригас раскажа две приказни од православната историја. Првата беше за крштевањето на кнез Владимир од Киевска Русија во 988 година, по извештаите на неговите пратеници за возвишената убавина на Света Софија во Константинопол. Втората се однесуваше на Филип Ладвел III, колонијален вирџиниец и пријател на Бенџамин Френклин и Џорџ Вашингтон, кој во 1738 година стана првиот Американец што се обрати во Православието и тивко преведуваше црковни текстови на англиски јазик.
Ригас потоа се осврна на современите предизвици, укажувајќи на верските заедници кои денес се соочуваат со прогони, раселувања и ограничувања на богослужбата низ целиот свет. „Верската слобода не е привилегија, туку универзално право,“ рече тој, ветувајќи дека САД ќе останат „непоколебливи“ во справувањето со овие закани преку дипломатија и меѓународни партнерства.
„Како што вели Светото Писмо: блажени се миротворците,“ заклучи Ригас, обраќајќи му се директно на Вселенскиот Патријарх. „Со радост очекувам можност да соработувам со Вас во напредувањето на делото на верската слобода и на делото на мирот во светот.“
На вечерата во Стејт Департментот присуствуваа и Архиепископот Елпидофор, други членови на патријаршиската придружба, американски митрополити, Кимберли Гилфојл – номинирана за амбасадор на САД во Грција, амбасадорката на Грција во САД, Екатерини Насика, д-р Ентони Џ. Лимберакис – Голем Актуар и национален командир на Архонтите на Вселенската Патријаршија, како и други православни клирици, општествени водачи и верници од САД и од странство.
/orthodoxobserver.org/

