Архиепископот Стефан две недели ќе претстојува во канонска посета на Американско-канадската епархија на МПЦ-ОА. На покана од надлежниот митрополит Методиј, поглаварот во Колумбос, Охајо пристигнал на 21 август 2025 година.
Целта на посетата е однележување на 60 годишнините од осветувањето на храмовите на две од најстарите црковни општини во дијаспората: „Успение на Пресвета Богородица“ во Колумбос, Охајо, САД и „Св. Климент Охридски“ во Торонто, Онтарио, Канада. Дополнително, оваа посета Архиепископот ќе ја искористи и за првото сослужување со поглаварот на Православната Црква на Америка, Тихон, на 2 септември во Вашингтон.
Во неделата на 24 август 2025 година, Архиепископот служеше Светата Литургија во црквата во Охајо, каде по подолго време му сослужуваше надлежниот митрополит Методиј. Со оваа литургиај беше одбележана годишнината од основањето на оваа црковна општина на МПЦ-ОА.
Архиепископот денеска отпатувал во Њу Џерси, САД, каде што ќе присуствува на свеченостите при одржувањето на 51-от Епархиски црковно-народен собор на Американско-канадската епархија, чијшто домаќин годинава е црковната општина „Свети Кирил и Методиј“ во Сидер Гроув.
Потем, пак, во главниот американски град, Вашингтон, на 2 септември 2025 година, ќе има литургиско сослужување со Поглаварот на Православната Црква во Америка, Митрополитот г.г. Тихон, чијшто Синод неодамна ја призна автокефалноста на нашата Света Македонска Православна Црква. По планираниот двонеделен престој во САД, Архиепископот и неговите придружници ќе заминат за Канада, за чествувањата по повод јубилејот на црковната општина „Свети Климент“ во Торонто, Онтарио. Предвидено е освен споменатите црковни општини, Архиепископот да направи канонски посети и на останатите наши храмови во Охајо, Њу Џерси и Онтарио, стои во сооштението од МПЦ-ОА.





