Бугарскиот патријарх Даниил го примил Халкидонскиот митрополит Емануил и архимандритот Аетиј, шеф на кабинетот на Вселенскиот Патријарх. Средбата се одржала во Синодалната палата, а на неа присуствувале Великотрновскиот митрополит Григориј, Неврокопскиот митрополит Серафим, Старозагорскиот митрополит Кипријан и Мелнишкиот епископ Герасим – главен секретар на Светиот Синод, како и проф. Иван Желев – преведувач од грчки јазик, д-р Александар Смочевски – советник за канонско-правни прашања на Софискиот митрополит и Бугарскиот патријарх.
Според информацијата од БПЦ, митрополитот Емануил го пренел братскиот поздрав од Вселенскиот патријарх Вартоломеј и ја изразил поддршката и добрите односи помеѓу Вселенската Патријаршија и Бугарската Православна Црква, како и нивната подготвеност за соработка по различни прашања од општоцрковно значење.
-Се надеваме дека добрите односи ќе продолжат да се развиваат и за време на Вашето патријаршиско служење, рекол митрополитот Емануил.
Патријархот Даниил, од своја страна, ја изразил својата благодарност што Вселенскиот патријарх Вартоломеј лично присуствувал на неговата интронизација.
За време на средбата биле разгледани актуелни прашања поврзани со Православната Црква и нејзината духовна мисија во светот – дијалогот меѓу Помесните Цркви, претстојните свечености по повод 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја, како и други теми од заеднички интерес. Патријархот и членовите на Светиот Синод, кои учествувале во средбата, го истакнале како пример дијалогот и дипломатичноста во меѓурелигиските односи во Бугарија.
Патријархот Даниил го информирал митрополитот Емануил за измените во Законот за верски заедници, усвоени од Народното собрание на почетокот на годината, кои се однесуваат на обидите за легализација на паралелна Православна Црква во Бугарија и нејзината регистрација.
На крајот од приемот, Патријархот потсетил на одлуката на Светиот Синод за доделување на орденот „Св. Јован Рилски“ на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во знак на благодарност за неговата помош и поддршка во надминувањето на тажниот раскол во Бугарската Православна Црква од крајот на минатиот век.

