Европскиот парламент усвои резолуција со која го осудува користењето на Руската православна црква како политички инструмент

Date:

Share post:

Европскиот парламент на 23 јануари усвои резолуција со која го осудува користењето на православието за геополитички цели од страна на режимот во Кремљ. Во резолуцијата се наведува дека режимот на Кремљ ги загрозува демократските темели и мирот во Европа, повикувајќи ги сите европски влади и граѓани да му се спротивстават на овој предизвик. За да ја оправда својата империјалистичка политика, режимот ја фалсификува европската историја и се стреми да го рехабилитира тоталитарниот режим на Советскиот Сојуз. Доказ за тоа е обновувањето на спомениците на Ленин на окупираните украински територии и забраната за истражување на злосторствата на Советскиот Сојуз во денешна Русија. Во овие процеси, режимот од Кремљ го користи и православието, претворајќи ја Московската патријаршија во инструмент за влијание врз православното население во источноевропските земји.

Во точка 12 од резолуцијата јасно се наведува дека: „Европскиот парламент го осудува користењето на православната религија од страна на Москва за геополитички цели, особено преку употребата на Руската православна црква (Московската патријаршија) како инструмент за влијание и контрола врз православното население во Украина, Грузија, Молдавија, Србија и други земји“.

Извадоци од резолуцијата:

„Европскиот парламент,

…имајќи го предвид тоа што рускиот режим ја негира посебната национална идентичност на Украина, лажно претставувајќи ја како дел од „Рускиот свет“ („Руский мир“) – наратив вкоренет во империјалистичката идеологија;

имајќи го предвид тоа што Русија ги уништува меморијалите на Гладоморот и ги обновува уништените споменици на Ленин на окупираните територии на Украина;

имајќи го предвид тоа што Русија не само што не ја признава неоправданата првобитна улога на Советскиот Сојуз во раните фази на Втората светска војна, како на пример преку Договорот за ненапаѓање меѓу нацистичка Германија и СССР од 1939 година и неговите тајни протоколи, познат како пакт Молотов-Рибентроп од 1939 година, во кој двата тоталитарни режима соработувале во поделбата на Европа на ексклузивни сфери на влијание, туку и не презема одговорност за бројните злосторства и масовни злодела извршени на териториите окупирани од Советскиот Сојуз;

имајќи го предвид тоа што Русија развива сè поинтензивна дезинформациска кампања на историски ревизионизам со цел да го негира националниот идентитет, државноста и самото постоење на Украина, како и да ги оправда своите претензии за ексклузивни сфери на влијание, што потсетува на начинот на кој Советскиот Сојуз се договорил со нацистичка Германија да изврши инвазија и окупација на делови од Полска и Романија, како и на Естонија, Латвија, Литванија и Украина во рамките на пактот Молотов-Рибентроп; …

  • Повторно ја осудува на најкатегоричен можен начин неиспровоцираната, незаконска и неоправдана агресивна војна на Русија против Украина; ја повикува Русија веднаш да ги прекине сите воени дејствија во Украина и целосно и безусловно да ги повлече сите свои сили, претставници и воена опрема од целата меѓународно призната територија на Украина, да ги прекине присилните депортации на украински цивили и да ги ослободи сите задржани и депортирани Украинци, особено децата.
  • Ги отфрла различните тврдења на рускиот режим како напразни обиди за оправдување на незаконската агресивна војна, која претставува грубо кршење на Повелбата на ОН и на одговорноста на Руската Федерација како постојан член на Советот за безбедност на ОН за одржување на мирот и стабилноста, и која веднаш беше препознаена како таква од другите постојани членки на Советот за безбедност на ОН, како и од огромното мнозинство на Генералното собрание на ОН.
  • Го осудува систематското фалсификување и употребата на искривени историски аргументи од страна на рускиот режим, како што се оние поврзани со пактот Молотов-Рибентроп, во неговиот обид да ја манипулира руската јавност за да ги поддржи криминалните дејствија како што е незаконската агресивна војна против соседна Украина, да ја поткопа меѓународната поддршка и помош за Украина и да ја избрише различната културна и историска идентичност на Украина; го осудува тврдењето на Русија дека има право на зони на ексклузивен интерес на сметка на суверенитетот и територијалниот интегритет на други држави, што е неспоиво со меѓународното право.
  • Го осудува неуспехот на Руската Федерација да воспостави одговорност за советските злосторства и нејзиното намерно спречување на историските истражувања преку забрана на пристап до советските архиви и нивно затворање, како и фактот што донесе законодавство со кое се криминализира вистинското претставување на советските и руските злосторства, ги гони граѓанските организации што ги истражуваат советските злосторства, го велича сталинистичкиот тоталитаризам и ги пресоздава неговите методи.
  • Потсетува дека намерните напади на Руската Федерација врз цивилното население на Украина, уништувањето на цивилната инфраструктура, користењето на тортура, сексуално насилство и силување како воено оружје, депортацијата на илјадници украински граѓани на територијата на Руската Федерација, присилното преселување и посвојување на украински деца и други сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право и човековите права претставуваат воени злосторства, за кои сите сторители мора да бидат изведени пред правдата.
  • Го осудува користењето на православната религија од страна на Москва за геополитички цели, особено преку инструментализацијата на Руската православна црква (Московската патријаршија) како средство за влијание и контрола врз православното население во Украина, Грузија, Молдавија, Србија и други земји.
  • Смета дека обидите на Русија да ја претстави, преработи и изопачи историјата на Украина ја поткопуваат колективната меморија и идентитетот на Европа во целина и претставуваат закана за историската вистина, демократските вредности и мирот во Европа. Затоа, ја повикуваат земјите-членки да инвестираат повеќе во образованието и истражувањата на заедничката историја на Европа и европската меморија, како и да поддржат проекти што промовираат подобро разбирање на влијанието од поделбата на Европа за време на Студената војна.
  • Ја изразува својата поддршка за изградба на паневропски споменик во Брисел во чест на жртвите на тоталитарните режими од 20. век.
  • Изразува жалење за континуираната употреба на симболи на тоталитарните режими на јавни места и повикува на забрана низ целиот ЕУ за користење на нацистички и советски комунистички симболи, како и симболи на тековната руска агресија против Украина.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img