Божикната песна ,,Три цареви од Персија”, запишана од Марко Цепенков беше дел од репертоарот на божикен концерт во Романија, традиционално посветен на романски и балкански песни. Концертот, емитуван во живо на романската национална телевизија за Божик на 25 декември 2024 година беше збогатен со оваа песна, која Романците ја преработиле, но ја отпејале на изворен македонски јазик.
,
,Три цареви од Персија”, каланда, или божикна песна, пред неколку години ја возобнови Бигорската обител, а во Романија за овој Божик ја преработил, Ансамблот Флоралија. Вокално-инструменталниот ансамбл е еден од најпознатите во Романија од областа на религиозна музика. Функционира под диригентство на д-р Ирина Замфира Данила, а е основан во 2007 година. Во почетокот е како псалтик хор, под раководство на свештеникот Флорин Буческу, познат фолклорист, професор по псалтичка музика и познат романски специјалист по византиски студии.
Погледнете како звучи оваа вистинска македонска божикна песна во изведба на романскиот ансамбл.
Три цареви од Персија
(народна коледарска песна)
Три цареви од Персија појдоа,
водени од сјајна ѕвезда небесна
водени од сјајна ѕвезда Деница.
Ми дојдоа во град Витлем Јудејски,
го најдоа Исус Христос во ајатот.
Го најдоа Исус Христос во ајатот,
во прегратка на Мајка Му Марија.
И на Христос тие Му се поклонија,
темјан, злато и ливанто Му подарија.

