Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот. На средбата во Вила Водно биле Архиепископот Стефан, Реисот Шаќир Фетаи, Скопскиот бискуп и епарх струмичко – скопски, Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква, Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова се заблагодарила за упатените честитки по повод нејзиното стапување на функцијата.
Претседателката Сиљановска Давкова ја изразила својата подготвеност за соработка со сите верски заедници и религиозни групи во државата, во интерес на меѓусебното разбирање и почит.
Претседателката ја истакнала важноста на верските заедници во негувањето на соживотот, како важен предуслов за просперитетот и напредокот на државата и изрази увереност дека верските заедници ќе продолжат да даваат активен придонес во напорите за одржување и натамошен развој на добрите меѓуверски односи.
Сиљановска Давкова ја поздравила работата на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи и придонесот во градењето на доверба и соработка меѓу верските заедници и религиозни групи, заштита на секуларниот карактер на државата и унапредување на верските слободи и права на граѓаните.

