Владиката Петар во своето велигденско послание ги повика идните пратеници при одлучувањето да се водат од духовните, културните, националните и општочовечките вредности кои извираат од учењето на православната вера.
Во посланието Владиката Петар ги повикува и верниците да излезат на глсање и довербата да им ја дадат на оние кои ги исполнуваат ветувањата, во спротивно, гласачите виновни ќе бидат пред својата совест, која е гласот Божји во човекот.
-Во оваа Светла Воскресенска Седмица, во нашата земја Македонија се одржуваат избори. Граѓаните на Македонија ќе изберат Претседател на државата и пратеници во Парламентот. Нашиот народ е мудар и знае да направи правилен избор. На новоизбраниот Претседател, пратениците и на Владата, им посакуваме успех во извршувањето на одговорните задачи за добробитот на сите граѓани на нашата Татковина. Како одговорни за извршувањето на вашата должност, особено вам на православните пратеници, ви укажуваме да не заборавите дека доследно и крајно одговорно треба да се грижите, да не бидат во ништо запоставени духовните, културните, националните и општочовечките вредности, кои извираат од учењето на нашата Света Православна Вера и Црква. Не заборавајте при донесувањето на врвните одлуки за доброто на граѓаните и општеството да се сообразувате со погоре посочените упатства, имајќи ги предвид зборовите на апостолот Петар и другите Апостоли: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 5, 29), односно да се спротивставите, по секоја цена, на сè што е спротивно на Божјите и природните закони, како и на Божјата волја, заради вашето и спасението на сите луѓе. Граѓаните, пак, особено оние од Православна вера, секогаш да имаат при ум дека се царско свештенство и избран народ, и затоа должни се да гласаат и изберат претставници и водачи кои што се одликуваат со морални вредности и ги исполниле или ќе ги исполнат ветувањата, за да не се случи втората измама да биде полоша од првата, т.е. слепец слепи да води. Во спротивно, гласачите виновни ќе бидат пред својата совест, која е гласот Божји во човекот, вели владиката Петар во неговото велигденско послание.

