Почетна Анализа 35 години спомен за Архиепископот возобновител на МПЦ-ОА
35 години спомен за Архиепископот возобновител на МПЦ-ОА

35 години спомен за Архиепископот возобновител на МПЦ-ОА

551
1

Македонската православна црква денеска одбележува 35 години од смртта на првиот Архиепископ на возобновената Охридска Архиепископија во ликот на Македонската православна црква.

9На 20 мај 1981 година во Скопје почина Архиепископот г.г Доситеј, по чија засулга денеска МПЦ функционира како автокефална црква на македонскиот народ.

МПЦ утрово на неговиот гроб во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје отслужи молебен. Во рамки на прославата за јубилеи во оваа 2016 година, ќе биде одбележан и јубилејот 35 години од упокојувањето на Архиепископот Доситеј. Во чест на 25 годишнината од неговото упокојување, во 2007 година пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје беше поставен негов споменик.

МОНАХ ОД 17 ГОДИНИ

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Доситеј II е роден во Маврово, на 7 декември 1906  година. Тој е возобновител и прв архиепископ Oхридски и Mакедонски на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, а се смета и како наследник на Арсениј II, кој бил последен Архиепископ на укинатата Охридска Архиепископија во 1767 година.

3На вториот црковно-народен собир, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, бил избран за поглавар на МПЦ. Под негово раководство бил свикан Третиот црковно – народен собир, одржан на 18 јули 1967 година, на кој МПЦ е прогласена за афтокефална.

Роден е со крстено име е Димитар Стојковски, како четврто дете од осумте деца на Лазар и Софија. Израснал под планината на Бистра. Целиот свој живот го посветил на службата на црквата. Богословија започнал да учи во Сремски Карловци во 1922 година, а се замонашил во 1924 година, на 17 години, во „Св Богородица Пречиста“, Кичевско.

2Негов духовен татко бил игуменот Григориј. По одредените подготовки, Доситеј заминал за Света Гора, каде улогата на духовен татко, ја презел игуменот Митрофан од манасторот „Хилендер“. На Света Гора останал се до 1932 година, кога заради потребата од дошколување заминал во Битолската богословија.

Како монах Доситеј престојувал и во манастирите Свети Наум во Охрид, „Св. Богородица (Трескавец), Буковскиот манастир и други.

ОТПОРЕН НА СРБИЗАЦИЈАТА ОД ВЕЛИМИРОВИЌ

Доситеј будно го следел решението на македонското црковно прашање и вложувал максимални усилби за негово разрешување преку обновата на Охридската архиепископија и создавањето на Македонската православна црква. Длабоко во себе бил свесен за своето потекло. Обидите на епископот Николај Велимировиќ и од митрополитот Јосиф, да го одродат и да го преобразат, а преку него и да ја шират големосрпската пропаганда не успеале.

1Богословијата во Битола ја завршил во 1937 година, а истата година Српската православна црква, како казна за неговата „непослушност“ не му доделила стипендија за да се запише на Теолошкиот факултет во Белград. Сепак бил прифатен од нишкиот епископ Доситеј, кој го примил во служба што му овозможило паралелно да студира на Теолошкиот факултет во Белград и да дипломира во 1942 година.

Како последица на промените во Македонија за време на Втората светска војна, во СПЦ настанале превирања. СПЦ сакала да ја спроведе старата српска црковна политика и да го врати во Македонија стариот митрополит скопски Јосиф. Доситеј, прво го отстраниле од црквата и го испратиле да управува со патријаршискиот двор во Сремски Карловци. Таму останал до 1949 година, каде прво добил титула архимандрит, а подоцна бил избран за епископ топлички – викарен на Српскиот патријарх Викенти. Хиротонијата за викарен епископ се одржала на 22 јули 1951 година.

Доситеј ја разбрал политиката на СПЦ и отворено се спротивставувал на ваквите намери. Во тоа време интензивно комуницирал со Иницијативниот одбор за организирање и за формирање на Македонската православна црква. Најголем дел од членови во Одборот биле македонски свештеници, кои за време на војната и потоа останале со народот и ја споделувале неговата судбина.

6На иницијатива на Одборот во декември 1951 година, Доситеј со благослов на српскиот патријарх Викентиј, ја посетил Македонија. Тоа бил значаен датум за Македонците, бидејќи по ослободувањето во 1945 година, прв пат земјата ја посетил некој македонски владика.

Посетата на Доситеј во Македонија предизвикала негативни реакции кај радикалите во  СПЦ, а по неговото враќање во Белград, бил остро напаѓан од поранешниот скопски митрополит во Македонија,  Јосиф.

Додека СПЦ инсистирала на враќање на нејзините стари епископи, пред се, на митрополитот Јован, поранешен четнички војвода и познат по својата асимилаторска политика, паралелно Иницијативниот одбор решително се залагал на испразнетите места да дојдат Македонски епископи.

ПОБЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА

Во 1957 година во кординација со Доситеј, Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ се согласил со СПЦ да ја усогласи организацијата во македонските епархии, во согласност со Уставот на СПЦ, а на патријархот српски Викентиј да му се признае статус администратор на трите епархии.

5Истовремено Синодот на СПЦ се обврзал на наредното Собрание на Светиот архијерејски собир, во мај 1958 година да се изврши избор на Македонци архијереји за сите три епархии.

Вториот црковно-народен собор се одржал во Охрид на 4 октомври 1958 година. На собирот учествувале вкупно 219 делегати, свештеници и мирјани. На соборот во црквата „Св Софија“ била донесена Одлуката за возобновување на Охридската архиепископија.

Откако се донела Одлука за возобновување на Охридската архиепископија, а во согласност на одлуката изборот на митрополитот и епархиските архијереји да биде од Македонија, Доситеј бил предложен за прв поглавар на Македонската православна црква и едногласно бил избран со титула Архиепископ Охридски и Скопски и прв Митрополит Македонски.

За време на изборот биеле сите канбани во Охрид. По појавувањето на Доситеј во Света Софија, Нестор Поповски официјално му ја соопштил Одлуката за возобновување на Охридската архиепископија и Одлуката за избор на прв поглавар на Македонската православна црква.

Во негово време од темел била возобновена Црквата, со сите нејзини витални органи: епархиите, епископатот, свештенството, црковните општини во татковината и во дијаспората, црквите и манастирите, образованието и просветата. Во 1967 била отворена Богословијата, а во 1977 година Богословскиот факултет во Скопје.

 

Коментар(1)

  1. Дали можете да наведете некој говор или беседа од Доситеј изречена на Македонски јазик. или да наведете некој кој се сеќава дека тој со него разговарал на Македонски јазик. Загонетна е ова личност во историјата на црквата. Бил архиереј на една црква, а одеднаш се наоѓа какао архиереј и тоа на чело на друга, противставена црква на црквата која го произвела во ерејски чин. Како тоа и од каде се тие податоци тој да е роден во Кичево, кога во биографијата која ја чува црквата на која и служел стои дека е роден во Смедерево

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *